COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Викендот помина, се’ уште нема потврда за отворање на угостителските објекти

Охрид, 25. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – На почетокот на јуни ќе почнат со работа градинките, а очекувањата се границите да се отворат кон средината на јуни, информираше неодамна македонскиот министер за здравство д-р Венко Филипче.

Оние лица пак, кои со хуманитарни летови влегуваат во државата, треба да приложат ПЦР тест за коронавирусот и наместо во задолжителен државен карантин, ќе се упатат во задолжителна домашна самоизолација. Токму средината на јуни, според министерот за здравство, Венко Филипче е најразумен период кога би требало да се отворат границите, апелирајќи дека луѓето можат да одат каде било доколку ги почитуваат мерките.

– Средина на јуни се очекува отворање на границите. Оваа недела би требало да заврши скринингот и веќе од онаа следна недела градинките ќе почнат со работа, значи отприлика на почетокот на јуни, рече Филипче.

Она што е особено важно и го засега Охрид, како најголем туристички центар во државата, секако е и датумот кога ќе започнат да работат угостителските објекти. Неофицијално истите ќе бидат отворени оваа недела, но за тоа до овој момент нема никаква официјална потврда. Угостителите го имаат добиено само протоколот односно начинот по кој треба да работат откако ќе ги отворат летните тераси.

Според последните информации на Министерството за здравство, направени се  508 тестирања, а регистрирани се 37 нови случаи на коронавирус COVID-19. Од нив имаме 2 нови случаи во Охрид и 4 во соседна Струга.

Продолжениот празничен викенд во Охрид го поминаа и бројни посетители надвор од градот, кои тука имаат сопствени станови. Забележително е присуството на бројни гости од Скопје, Битола и останатите поголеми градови од државата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука