мај 26, 2020

Скопје, 27. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука од утре, 27-ми мај да се укине полицискиот час. Кафе баровите и рестораните треба да започнат со работа од четврток, 28-ми мај 2020 година.

Ова се дел од одлуките кои се објавија на прес конференцијата на претседателот на Владата на Република Македонија, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче и д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

– Одлуката за укинување на рестриктивните мерки е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести бидејќи состојбата е под контрола, а зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на непочитување на рестриктивните мерки. Во наредниот период ќе има фокусирана примена на мерките за заштита кон овие жаришта, и здравството има капацитет да се справи. Здравствениот систем може успешно да одговори на очекуваните тенденции. Вирусот е тука и нема да исчезне преку ноќ. Ќе биде присутен се додека не се стекне колективен имунитет или додека не се најде вакцина. Потребно е да ги почитуваме сите мерки за лична заштита. Да живееме со корона вирусот на начин на кој ќе бидеме заштитени. Оваа нова фаза не значи никако дека вирусот е победен. Само Комисијата за заразни болести и експертите во ова поле може да дадат изјава дека вирусот е победен. Задолжителниот карантин се заменува со домашна изолација, доколку лицата приложат негативен тест за коронавирус направен последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се во државен карантин може да направат тест на свој трошок и доколку имаат негативен да одат во домашна изолација, напомена Спасовски.

Кафе баровите и рестораните ќе работат по определени протоколи за летни тераси, а за затворените делови начинот на работа ќе се регулира во понатамошна фаза.

– Од 1 јуни ќе престанат да важат ослободувањата од работа односно администрацијата ќе треба да се врати на работните места. Оваа одлука нема да важи за хронично болните и оние кои имаат деца до 10 години додека не се отворат градинките, истакна премиерот Спасовски.

Министерот за здравство во Владата на Република Македонија, д-р Венко Филипче изјави дека по 3 месеци откако се појави првиот случај на COVID-19 во земјава, сега сме на раскрсница што понатаму.

– Дел од граѓаните се дисциплинирани, но има и граѓани кои не ги почитуваат мерките, а не ни веруваат во постоењето на вирусот. Ние со овие мерки продолжуваме понатаму, и тоа е клучот со кој животот ќе го вратиме во нормала. Сакам да кажам дела сме целосно подготвени да се носиме со ситуацијата. Само со придржување на мерките, ќе ставиме крај на епидемијата. Во меѓувреме болниците се доопремени, што секако е плус во борбата со вирусот, истакна Филипче.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, доктор Жарко Караџовски на денешната прес конференција образложи зошто се преминува кон намалување на рестриктивните мерки.

– Комисијата за заразени болести направи една анализа и констатиравме дека соодветно се почитуваат нашите препораки и алгоритми, при што нашите препораки дадоа одредени резултати, се со цел на време да го фатиме нулта случајот. Во последниот период од 14 дена има просечно 24 регстрирани случаи на ден. Последните 14 дена драстично се намали бројот на смртни случаи, само 1,1 смртен случај на ден, што е многу подобро. Намалениот морталитет е една од причината за намалување на рестрикциите. Сега одиме на едно пошироко тестирање на населението, како тестирање на вработените на градинките, при што во средината на јуни би требало безбедно да ги пуштиме нашите деца во градинките. Во наредниот период ќе ги тестираме здравствените работници, таксистите, полицијата. Процентот на позитивните случаи е 5,7 од вкупниот број на тестирани, во последните 14 дена. Ние рековме дека кога ќе достигнеме околу 5 посто позитивни од тестирани, ќе почнеме со олабавување на мерките, рече Караџовски.


Институтот за јавно здравје изминатото деноноќие регистрираше 14 оздравени пациент, 16 нови случаи на COVID-19, како и тројца починати. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука