мај 27, 2020

Охрид, 27. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – По полни 66 дена, со одлука на Владата на Република Македонија, од денес се укинува полицискиот час кој во насока на спречување на ширењето на коронавирусот, беше воведен на 22-ри март.

– Одлуката за укинување на рестриктивните мерки е донесена по препорака на Комисијата за заразни болести бидејќи состојбата е под контрола, а зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на непочитување на рестриктивните мерки. Во наредниот период ќе има фокусирана примена на мерките за заштита кон овие жаришта, и здравството има капацитет да се справи. Здравствениот систем може успешно да одговори на очекуваните тенденции. Вирусот е тука и нема да исчезне преку ноќ. Ќе биде присутен се’ додека не се стекне колективен имунитет или додека не се најде вакцина. Потребно е да ги почитуваме сите мерки за лична заштита. Да живееме со коронавирусот на начин на кој ќе бидеме заштитени. Оваа нова фаза не значи никако дека вирусот е победен. Само Комисијата за заразни болести и експертите во ова поле може да дадат изјава дека вирусот е победен. Задолжителниот карантин се заменува со домашна изолација, доколку лицата приложат негативен тест за коронавирус направен последните 72 часа пред да влезат во земјава. Сите лица кои се во државен карантин може да направат тест на свој трошок и доколку имаат негативен да одат во домашна изолација, напомена премиерот Спасовски на вчерашната прес конференција.

Кафе баровите и рестораните ќе работат по определени протоколи за летни тераси, а за затворените делови начинот на работа ќе се регулира во понатамошна фаза.

– Од 1 јуни ќе престанат да важат ослободувањата од работа односно администрацијата ќе треба да се врати на работните места. Оваа одлука нема да важи за хронично болните и оние кои имаат деца до 10 години додека не се отворат градинките, истакна премиерот Спасовски.

Исто така, Владата одлучи и да се укине карантинот за сите кои ќе се вратат во земјава, а луѓето кои моментално се во некои од државните карантини може да заминат, но претходно треба да направат тест за коронавирусот. Тоа ќе биде на нивна сметка.

Од понеделник на работа се враќаат и административците кои до сега работеа од дома. Ослободувањето на мерките следува по спроведените анализи и проценки на Комисијата за заразни болести дека епидемијата е ставена под контрола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука