мај 28, 2020

Охрид, 28. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Дали некој ќе понесе одговорност за несовесното однесување на поедини луѓе? Дали некој ќе преземе нешто? Или ќе се продолжи со ова труење на народот и уништување на секој дел од Охрид само за да им се удоволи на шерифите во градот – прашуваат од ОО на Граѓанско демократската унија (ГДУ) од Охрид.

– Години наназад слушаме како ќе се реши проблемот со стрелиштето „Мауцкер“. Народот памети од времето на ДПМНЕ како ќе правеа индустриска зона и ред други фамозни проекти предвидени за овој дел, но исходот го знаете и го гледате. Од друга страна пак СДСМ немаше да дозволи да никне депонија, но и тоа го знаеме и го гледаме во што се претвори. Свесно го труете народот и немате ни трошка срам, а сега се ближат избори, па повторно ќе ветувате брда и долини. Доволно му угодувате на вашиот коалиционен партнер и го оправдувате тоталното безредие. Години наназад власта како да служи само за да му угоди на ДУИ и ултра популарниот советник. Престанете да се однесувате неодговорно и свесно да го труете народот. Вие сте соучесници во создавањето на дивите депонии и уништувањето на градот. А за тоа е сведоштво стрелиштето „Мауцкер“, за кое предвидувавте безброј проекти, но на крајот добивме дива депонија. Од владеењето на овие две сестрински партии добиваме само диви депонии, но народот е тој кој ќе одлучи дали сака уште такви – стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука