Охрид, 29. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на уписот на првачињата во основните училишта кое започнува во понеделник, од ОУ „Братство Единство“ укажаа на проблем со кој се соочувале години наназад. Тоа е упис на ученици кои не припаѓаат на нивниот реон, а ученици кои според место на живеење требало да се запишат кај нив, оделе во другите основни училишта во Охрид.
Имено согласно измените на Законот за основно образование донесени на 5-ти август 2019 година, во членот 63, родителот односно старателот да може да го запише детето во друго училиште во истиот или друг реон ако за тоа има согласност од училиштето во кое се запишува и од училиштето од реонот во кој живее или каде постојано престојува. За овие измени ги известиле и надлежните во општината.
– Согласно измените во Законот еден ученик може да се запише во реон во кој не припаѓа само со согласност од училиштето во кое припаѓа. За ова ја известивме општината и добивме уверување дека ќе се донесат измени во реонизацијата, која според наши сознанија постоечката одлука е донесена од Собрание на Општина Охрид од 08.05.1990 и е надмината за примена, а новата ќе биде готова во октомври. Општина Охрид достави списоци на идните првачиња до сите основни училишта. Се очекува во учебната 2020/2021 година да се запишат околу 500 првачиња на ниво на општина, од кои околу 200 припаѓаат на нашиот реон. Ние како училиште донесовме одлука дека нема да примаме ученици кои не припаѓаат на нашиот реон, меѓутоа и дека ќе се бориме за сите ученици кои припаѓаат на нашиот реон да се запишат во нашето училиште. Беа направени известувања за родителите, покани, кај некои наидовме на одобрување, кај некои на негодување, но сепак се надеваме дека беа наглесени и измените во законот и се надеваме дека тоа годинава ќе вроди со плод., велат за Супер радио и OhridPress од ОУ „Братство Единство“.
Советот на општина Охрид на денешната седница ја изгласа предлог одлуката за утврдување на реоните од кои се запишуваат учениците во основните училишта во општината, со што се отвора пат за почитување на законските обврски од страна на основните училишта и упис на ученици од соодветен реон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес