Скопје, 2. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Третина од 89-те новозаболени од COVID -19 кои беа евидентирани вчера се на возраст меѓу 30 и 39 години. Повеќето од нив се жени, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
Од вкупниот број на заболени во земјава, најголем процент се над 60 години, а највисока инциденца е регистрирана кај оние на возраст од 50 до 59 години, односно вкупно 470 болни се евидентирани во оваа група. Најмал процент на заболени има кај децата и младите до 19 години.
Она што е интересно е дека една третина од лицата кај кои е потврден вирусот, немаат никакви симптоми односно се асимптоматиски случаи.
Ова го потврди и министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција на која информираше дека голем е бројот на асимптоматски носители на вирусот и поради тоа апелираше задолжително да се носи заштитна маса.
– Огромен е делот на асимптоматски носители, точниот процент би бил шпекулација и тоа го видовме и од овие изминати неколку денови кога ги тестираме и анализираме контактите на претходно дијагностицираните. Огромен дел од тие граѓани, птактично сега пациенти – носители на вирусот апсолутно немаат симптоми. Сметам дека е добра одлуката задолжително да носат маски апсолутно сите, заради тоа што не можеме да знаеме во овој момент, и веројатно ќе помине подолго време додека со сериозни анализи и студии не видиме кој од тој процент на граѓани кои се носители на вирусот, а немаат никакви симптоми, рече вчера Филипче.
Најголем процент од позитивните случаи односно 65,3 проценти имале зголемена температура, 52,6 проценти кашлале, 39,7 имале малаксаност, 18.9 проценти треска, главоболка 15,4, отежнато дишење 14,7 и болка во грлото 14,3.
Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека од вкупно заболените, 75,2 проценти имале контакт со лице позитивно на вирусот.
Третина од потврдените случаи имаат некоја хронична болест, најчесто кардиоваскуларна и белодробна болест. Од хоспитализираните случаи кај 54,3 отсто се присутни коморбитети. Најмногу смртни случаи се регистрирани кај лицата на возраст над 60 години, а од нив 96 се мажи и 44 се жени.
Во земјава досега се направени вкупно 30.302 теста, а детектирани се 2.315 позитивни лица. Активни се 606 лица, 1 569 се оздравени, а починале 140 лица. (Крај)
извор: Либертас фото: архива