јуни 4, 2020

Охрид, 4. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Скопје, Битола, Прилеп, Кичево… Ова се најчестите регистерски таблички на автомобилите кои уште од вчера, а особено попладнево се слеваат во Охрид.

Со оваа слика полека се остваруваат најавите дали целосната забрана на движење во Скопје, Куманово, Штип, Тетово и други помали општини ќе го наполни Охрид, но и другите туристички и планински центри.

Охриѓани на социјалните мрежи реагираат на оваа одлука и велат дека ова може сериозно да влијае врз зголемувањето на бројката на заболени во Охрид, со самиот факт што се очекуваат бројни посетители од овие градови. Бројните станови на граѓани кои не се од Охрид се очекува викендов да бидат комплетно исполнети, а на социјалните мрежи може да се види и како се рекламираат апартмани во градот.

Image may contain: one or more people, mountain, sky, outdoor and nature

Од Пазарниот инспекторат во Охрид, како најпосетена туристичка дестинација во земјата, најавуваат дека во текот на престојниот продолжен викенд продолжуваат со контроли на сместувачките капацитети, со цел почитување на мерките за спречување на ширење на заразата. Потенцираат дека се’ уште не е либерализирана понудата на сместувачки капацитети во туристичките центри во земјата. Тоа значи дека се’ уште е на сила целосната забрана за работа на сместувачките капацитети, како за поголемите објекти така и за приватните станоиздавачи.

Во пресрет на претстојниот викенд, од општина Охрид упатија апел до жителите на Охрид и сите посетители кои туристички ќе престојуваат во градот, да ги почитуваат сите мерки и препораки за заштита и превенција од корона вирусот COVID-19. Од локалната самоуправа посочуваат на обврската да се носат заштитни маски, да се одржува потребна дистанца и лична хигиена според препораките како и да се избегнуваат семејни собири и други друштвени групирања.

120 нови случаи на COVID-19, нема новозаболени лица во Охрид и Струга

Според официјалните податоци на Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на последните 24 часа се направени 953 тестирања, регистрирани се 120 нови случаи на COVID-19, а нема новозаболени лица во Охрид и Струга. Во моментов 35 лица во Охрид и 89 во Струга се во изолација.

Владата на последната седница повторно го врати на сила полицискиот час, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот COVID-19. Охрид е меѓу градовите каде полицискиот час ќе биде на сила парцијално, односно ќе важи од 21:00 часот вечерва и од 16:00 до 05:00 часот во петок, сабота и недела.

Влада на РМ: Се враќа полицискиот час, забрана за посета на гробиштата, освен за погреби

Во периодот од денес, од 21:00 часот до понеделник, 8-ми јуни, до 05:00 часот, на сила ќе биде и забраната за посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.

Последните одлуки на Владата на Република Македонија ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука