Скопје, 14. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа на полноќ заврши вонредната состојба во државата воведена по појавата на пандемијата на COVID-19.
Состојбата беше воведена за справување на последиците од коронавирусот. Првата вонредна состојба претседателот на државата ја воведе на 18 март и таа траеше 30 дена, потоа следуваше уште една од 30 дена, па уште две по 14 дена.
Во меѓувреме лидерите на двете најголеми партии во државата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски не постигнаа договор за датумот за изборите, па затоа, по завршувањето на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните дејствија за избори на 5-ти јули. Кампањата пак, ќе започне на 16-ти јуни.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера го понуди 8-ми јули како ден за избори, а ако Мицкоски се согласеше на тоа, Заев рече дека ќе побара од Владата да свика седница и да донесе предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата.
Тој потенцираше дека опозицијата треба да учествува на изборите. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, без конкретен одговор на понудата, го повторија ставот дека избори се можни, но инсистираат прво на заштита на здравјето на граѓаните, како и на квалитетен меѓународен мониторинг и прочистен избирачки список.
Во меѓувреме, Државната изборна комисија на седница во петокот започна со преземање на сите неопходни активностиза подготовка за избори.
Инаку првично изборите беа закажани за 12-ти април, а Собранието се самораспушти на 16-ти февруари и од тогаш не функционира. (Крај)
извор: slobodnaevropa.mk фото: архива