Скопје, 14. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за економија, Крешник Бектеши, информираше дека ќе им се излезе во пресрет на барањата на угостителите да можат да работат и по 22.00 часот, односно да се врати старото работно време какво што беше она пред здравствената криза.
Министерот најави дека до понеделник ќе биде објавен и протоколот со кој и хотелите ќе може да започнат со работа.
– Во Главниот координативен штаб разговаравме по оваа тема. Ние како Министерство за економија во соработка со Министерството за здравство доставивме предлог, а од Комисијата за заразни болести бевме известени дека до понеделник ќе бидат изготвени дополнителни протоколи што се однесува на работењето на угостителските објекти, вклучувајќи ги тука и хотелите, рече Бектеши.
Тој додаде дека и во ситуација кога истекува вонреднатат состојба, Владата има законска можност да носи протоколи како правни акти. (Крај)
извор: faktor.mk фото: архива