Охрид, 12. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Супер радио денес спроведе акција за подигнување на јавната свест кај охриѓани за почитување на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот COVID-19.
Посебно брендирано возило на кое беше поставена голема маска денес кружеше по охридските улици, а екипата на Супер радио ги запознаваше граѓаните со мерките и делеше заштитни маски.
– Бројките секој ден стануваат се’ поалармантни и затоа сакаме и на овој начин да апелираме до нашите сограѓаните сите заедно да ги почитуваме мерките и да не дозволиме ширење на болеста. Охрид периодов наназад покажа дека може и дека знае да го почитува јавното здравје. Подолг период наназад немавме воопшто заболени лица во нашиот град, да го повториме тоа сите заедно, порачуваат од Супер радио, наслушаната локална радио станица во регионот.
Супер радио минатата година наполна 27 години и останува еден од водечките медиуми во западниот дел од државава, со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Супер радио е една од најстарите радио станици во државата и е на врвот на слушаноста од почетокот на објавувањето на официјалните рејтинзи на некогашниот Совет за радиодифузија на Република Македонија (сега АВМУ).
Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес