јуни 15, 2020

Охрид, 15. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – За ВМРО-ДПМНЕ нема цена ниту еден изгубен човечки живот и не постои цена за која ќе ги ризикуваме животите на нашите граѓани, порача на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Власта на СДСМ треба да си оди што побрзо затоа што нема ниту план, ниту стратегија и не може да се справи со економската, здравствената и безбедносната криза во Македонија. Наместо проекти за Охрид и Македонија, ние гледаме безредие, урбано дивеење, економски колапс и хаос на секое поле. Се врши пренамена на средства од капиталните инвестиции во пари кои на СДСМ им служат за предизборен поткуп.
Граѓаните се препуштени самите на себе, а бројката на заболени од коронавирусот во Охрид секојдневно се зголемува. Македонија секојдневно брои трицифрени бројки на заразени граѓани и за жал починати граѓани. Престанете да влевате страв и да го туркате народот ставајќи го во ризик нивниот живот. Дали имате грам совест затоа што рушиме рекорди по заболени луѓе и луѓе кои ги губат своите животи? Зошто не помислувате за луѓето со хронични заболувања и ризичните групи граѓани над 65 години? Дали свесно сакате мала излезност барајќи ја сламката за спас да избегате од одговорност? СДСМ се плаши од голема излезност и казна од народот. Затоа е потребно да се изработат протоколи на гласање, избирачкиот список да се прочисти и само тогаш кога ќе биде присутна мисија на ОБСЕ и ОДИХР во Македонија може да зборуваме за фер и демократски избори. Да се оди на избори само тогаш кога ќе се обезбеди тоа и има стабилизација на состојбата, а не како новата нормалност на СДСМ. Кога и да се случат изборите ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а по поразот следи одговорност за СДСМ. Граѓаните ќе ги казнат СДСМ за сите предавства, понижувања и лаги – порачаа од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука