Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Почнаа уписите во средните училишта, во Охрид има слободни 1.172 места

Охрид, 16. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започна првото пријавување од јунскиот рок за упис во средните училишта во учебната 2020/2021 година.

Уписот ќе се спроведе согласно објавениот Конкурс и Протоколот за постапување кој го донесе Владата, со почитување на мерките за заштита во услови на пандемија. На 16-ти, 17-ти и 18-ти јуни документи ќе се примаат од 07:00 до 19:00 часот, а на 19-ти јуни од 07:00 до 13:00 часот. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19-ти јуни по 15:00 часот.

Приемот на документи ќе се врши според азбучен ред по презимето на ученикот и тоа:
– 16-ти јуни – прием на документи на ученици чии презимиња започнуваат од А до Ж
– 17-ти јуни – прием на документи на ученици чии презимиња започнуваат од З до М
– 18-ти јуни – прием на документи на ученици чии презимиња започнуваат од Н до Ќ
– 19-ти јуни – прием на документи на ученици чии презимиња започнуваат од У до Ш и сите ученици кои поради различни причини не успеале да се запишат во претходните три термини, без разлика на презимето.

Во четирите средни училишта во Охрид во учебната 2020/2021 година ќе може да се запишат 1.172 полуматуранти. Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ слободни има 272 места за идните средношколци. Во економското училиште „Свети Кирил и Методиј“ можат да се запишат 170 ученици од кои 136 во економско-правната и трговска струка и 34 во здравствената струка.

Во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во прва година може да се запишат 306 ученици во 9 паралелки и тоа во угостителско- туристичка и хемиско-технолошка струка. Ова училиште за првпат ќе додели 20 стипендии за ученици од Охрид и охридскиот регион кои ќе се запишат во прва година.

ОУТУ „Ванчо Питошески“ ќе ги отвори вратите за 306 полуматуранти

– Ова го воведуваме за првпат со цел да ги мотивираме основците да се запишат во нашето училиште, со што му помагаме на туристичко-угостителскиот сектор да добие стручен и квалификуван кадар, а младите лесно ќе може да најдат работа тука во Охрид како туристичко место, вели за Супер радио и OhridPress директорот Марјан Радески. За ученици кои не се од Охрид на располагање им стои ученичкиот дом кој е реновиран и кој им нуди бесплатно сместување и три оброци дневно во училишната менза.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ има 424 слободни места, во 13 паралелки. 356 ученици во 11 паралелки со настава на македонски јазик и 68 ученици во 2 паралелки со настава на албански јазик и тоа според наставните планови и програми за машинска, електротехничка, сообраќајна струка и лични услуги. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука