Скопје, 16. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија на денешната 69-та седница донесе одлука од утре, 17-ти јуни, да се отворат сите гранични премини во земјата со примена на мерките што се активни, при што за влез во Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа.
Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР. Исто така останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на Република Македонија нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест.
На оваа седница е донесен и Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување (хотели и други угостителски објекти за сместување), и тој започнува да важи од понеделник, 22-ри јуни, оваа година. Протоколот ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на COVID-19.
Владата денеска го утврди и го донесе Протоколот за работа на базените за пливачките клубови во Република Македонија, кој утврдува дека базените се отвораат само за членови на пливачките клубови, а не и за рекреативно пливање. (Крај)
извор: Влада на РМ фото: архива