Скопје, 16. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – По тројца анестезиолози и интернисти, 25 медицински сестри и пет болничари кои се ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи се заразени со коронавирус, информираат од Министерството за здравство (МЗ).
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како што посочија, заразени се двајца здравствени работници, а други двајца кои се оздравени, се вратиле на работа.
Од МЗ потенцираа дека овие две јавни здравствени установи изминатите денови се засилени со кадар. На Инфективната клиника по систем на ротација се дојдени пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, ендокринологија и Институтот за туберкулоза, еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид, како и 27 медицински сестри од Специјалната болница „Јасеново“ и од болниците во Кавадарци, во Кочани и во Кичево.
Тимот во ГОБ „8 септември“, како што велат од МЗ, е засилен со шест доктори – по двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од болниците во Отешево и во Гостивар. Оваа јавна здравствена установа е засилена и со 20 медицински сестри од Струга, од Велес, од Отешево, од Гевгелија и од Специјалната болница „Лешок“.
Од почетокот на епидемијата со коронавирусот целиот здравствен систем е активиран и мобилизиран со цел успешно справување од овој непредвидлив вирус, нагласија од Министерството за здравство.