Охрид, 17. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Според статистиката моментално во Охрид има 55 пациенти активни на коронавирус. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 73 лица, едно лице почина, а 17 се излекувани. Од направените тестирања во рамките на скринингот во градинките, во Охрид се потврдени два позитивни случаи.
Од минатата недела поради исполнетоста на болничките капацитети во битолската болница, која беше регионален центар, пациенти од Охрид и околината се примаат на Инфективното одделение во охридската болница.
Капацитетот на одделението е 18 легла, кои речиси се исполнети, според последните податоци тука се хоспитализирани 15 пациенти. Лица сомнителни на коронавирус се сместени на Одделението за геријатрија.
Директорот на охридската болница Горан Балески вели дека ќе мора и болницата во Струга да обезбеди капацитети за сместување пациенти заболени од коронавирусот.
Во вчерашната статистика Охрид го немаше меѓу градовите каде се регистрирани новозаболени пациенти, а во соседна Струга беа регистрирани тројца пациенти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес