Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Денес се уриваше една од најатрактивните плажи на охридската ривиера, плажата „Немо“ во „Горица 3“

Охрид, 17. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – По уривањето на првата плажа во населбата „Свети Стефан“, општина Охрид денес продолжи со активности за отстранување на урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Со асистенција на полицијата, денес се уриваше една од најатрактивните плажи на охридската ривиера, плажата „Немо“ во „Горица 3“. Акцијата се спроведе откако Владата донесе Уредба плажите да се вратат во првобитна состојба поради истечените концесии на закупците.

– Се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро. Објектите кои се наоѓаат во опфатот на Генералниот урбанистички план ќе бидат решавани со изготвување на Урбанистичко-планска документација за крајбрежје, согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, информираат од општина Охрид.

По донесената Уредба од страна на Владата за уривање на објектите, плажите не престануваат да се Топ тема и предизвикаа бурни реакции во охридската јавност. Според дел од граѓаните станува збор за личен бизнис на поединци кои во голем дел го нарушиле просторот, надвор од договорите, додека според други градот ќе изгуби репрезентативни објекти, особено во пресрет на главната туристичка сезона.

Уредбата околу плажите останува на сила се’ додека Министеството за транспорт и врски не го направи урбанистичкото планирање на сите плажи, истакна неодамна Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми во емисијата Win Win на Тв Телма.

Тој беше дециден дека рушење на плажите ќе има.

– Потоа сето тоа да се вметне во рамките и согласно планот за управување кој е донесен и дури потоа ќе можат општините Охрид и Струга да распишуваат повици за да видиме која плажа ќе се издава, за каква намена и така натаму. Значи, Уредбата останува на сила се’ додека не се реши овој дел, истакна Адеми.

Тој додаде дека мора да има реорганизација и на инспекциите.

– Свесен сум дека и ние како влада и граѓанскиот сектор и охриѓани имаме иста цел – да се зачува Охрид и тоа не поради УНЕСКО, туку поради нас. Ако за нешто треба да се бориме сите заедно кога се работи за Охрид, треба да се бориме заради нас, а не заради тоа што тоа го бара УНЕСКО. Да се биде под заштита на УНЕСКО е добро за имиџ, но ние имаме иста цел и амбиција. Имаме различен пристап, но целта ни е заедничка, напомена Адеми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука