Охрид, 18. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Станува збор за анархија која сега се средува. Не се уништува туризмот, туку напротив, се вложува во иднината и во средувањето на овие состојби, кои Охрид не ги заслужува. Ова не е рушење на плажи, туку ослободување на плажите од бетонските чудовишта, истакна градоначалникот на Охрид д-р Константин Георгиески за Канал 5 телевизија.
– Во договорите кои ги имале потпишано концесионерите и Министерството за транспорт и врски било договорено урбана опрема но голем дел од концесионерите не го испочитувале договорот, па така наместо урбана опрема направиле ресторан, ноќен клуб и барови, вели претседателот на Националната Комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми за Канал 5.
Тој појаснува дека ќе се продолжи со уривање на сите дивоградби за кои е констатирано дека го нарушуваат статусот на Охрид.
По уривањето на првата плажа во населбата „Свети Стефан“, општина Охрид вчера и денес продолжи со активности за отстранување на урбаната опрема и остатоците од објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Со асистенција на полицијата, и денес се уриваше плажата „Немо“ во „Горица 3“. Акцијата се спроведе откако Владата донесе Уредба плажите да се вратат во првобитна состојба поради истечените концесии на закупците. (Крај)
извор: Канал5/ОхридПрес фото: ОхридПрес