Скопје, 23. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за информатичко општество и администрација објави алатка за за пријавување на притисоци во предизборен период на својата веб страна.
Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавниот сектор нема и нема да има, истакна на денешната прес конференција министерот Дамјан Манчевски.
– МИОА се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување. За ова организиравме и координативни состаноци со ДКСК, Народниот правобранител, Агенцијата за администрација, Државниот трудов инспекторат, Агенцијата за вработување, како и други надлежни институции. Целта е да се обезбедат и гарантираат сите предуслови за фер и демократски избори. Дополнително, ја менуваме културата на работење и после долго време, во овие три години јавниот сектор конечно работи согласно описот на своите задачи без притисоци и без да биде во служба на некој друг. Заробената држава е минато. Апелирам до вработените да ја користат оваа алатка и секој евентуален притисок да го пријават, рече Манчевски.
Пријавувањето ќе биде анонимно, а доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци, за што биле преземени соодветни технички и организациски мерки. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива