јуни 24, 2020

Скопје/Охрид, 24. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – И покрај тоа што беше најавена кампања без митинзи и поголеми собрири со граѓаните, политичките партии од денес започнуваат теренски активности за промовирање на програмата пред граѓаните за учество на предвремените парламентрани избори кои ќе се одржат на 15-ти јули.

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности традиционално ги започнува од Охрид, а коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Струмица.

Изборната кампања ќе трае до 12-ти јули, кога на полноќ завршува изборната кампања.

На изборите ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати. Оваа година, поради корона кризата, гласањето ќе се одвива три дена. На 13-ти јули ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на COVID-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат. На 14-ти јули ќе гласаат немоќните и болните лица, како и хронично болните и останатите лица кои согласно Изборниот законик гласаат еден ден пред одржувањето на изборите. На изборниот ден, на 15-ти јули, избирачките места ќе бидат отворени во 07:00 часот, а гласањето ќе трае до 21:00 часот, два часа подолго од вообичаеното на претходните избори. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука