Скопје, 24. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот Стево Пендаровски по повод почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори апелира за фер и демократски избори со целосно почитување на протоколите за заштита на здравјето.
– Овие избори се одржуваат во време на пандемијата на КОВИД-19, прогласена од Светската здравствена организација. Во таа насока, на сила ќе бидат посебни здравствени протоколи со цел да им се овозможи на сите граѓани кои ќе одлучат да го искористат своето уставно загарантирано право на глас, да го сторат тоа во безбедни услови и со соодветна заштита. Драги сограѓани, постапувајте според протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание, вели Пендаровски.
Тој апелира до сите учесници во изборниот процес да придонесат изборите да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.
– Изборниот процес и изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива. Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес. Од друга страна, очекувам сите институции кои се најповикани и надлежни за спроведување на изборниот процес да работат професионално, во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност, потенцира претседателот Пендаровскиво во писменото обраќање.
Тој потсетува дека слободата на изразување е клучна за кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас, потенцирајќи ја важноста на медиумите.
– Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори, вели Пендаровски и ги повика граѓаните да излезат и гласот да го дадат по свое лично убедување, без страв и без притисоци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива