Охрид, 24. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ денеска се слават светите апосстоли Вартоломеј и Варнава, првиот е еден од 12-те врховни апостоли, а вториот од останатите седумдесет.
Вартоломеј проповедаше заедно со апостол Филип во Азија, а потоа и во Индија и Ерменија, каде пострада маченички. Меѓу народот денешниот ден е познат како Вртолум. Постои верување дека овој ден е поврзан со вртењето на сонцето, дека на овој ден сонцето се врти кон зима и денес се одредува какво време нѐ чека цела година.
Во некои наши краишта овој ден се смета за тежок празник поради што не се работи никаква работа.
Како што запишал Ефтим Спространов во Охридско, Св. Вартоломеј бил познат како Вртолум и од тој ден сонцето се свртвело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, а и тие, исто така, многу жалеле зашто се завртувало кон зима.
Во Дебарца пак на Вртолум голем собир се правел во месноста Сливовски Анови каде што се собирал народ не само од Дебарца, туку и од Копачијата, од Кичевско, Дебарско, Струшко и други места. (Крај)
извор: МПЦ/ОхридПрес фото: архива