Вевчани, 25. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес го посети Вевчани, при што оствари средба со мештаните и посочи дека на 15-ти јули ќе се стави крај на вирусот Зоран Заев, а потоа ќе започне обновата на Република Македонија.
Време е Република Македонија да започне да се движи по вистинскиот правец, а тоа ќе биде заедно со ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицковски.
– На 15-ти јули е нашата шанса да го сонуваме сонот кој што сакаме да го сонуваме, но најпрвин треба нив да ги победиме. Најпрвин треба оваа пандемија да ја победиме. И затоа секогаш зборуваме отворено и искрено, отворено и искрено и за нашите слабости. Затоа што човекот е голем онолку колку што може да ги признае и сопствените слабости. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ од најголемата и најорганизираната политичка партија во нашата држава научив да живеам со слабостите на луѓето. Но луѓето не треба да научат да живеат со слабостите на властодршците. Затоа што народот е тој кој што дава и тој кој што зема. На 15-ти јули јас сум убеден во мудроста на Вевчани и убеден сум во мудроста и храброста на граѓаните на нашата Македонија дека ќе излезат масовно и масовно ќе ја поразиме оваа пандемија која што ја донесе ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, а потоа ќе ги засукаме ракавите и ќе си ја обновиме државата, нагласи Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на Вевчани масовно на 15-ти јули да излезат и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“. Да гласаат за обнова на Република Македонија.
Денес во Вевчани беше и носителот на изборна единица 5, Игор Дурловски кој посочи дека сите сме Македонци и веруваме во Македонија. Таа верба не може да ја уништи никој, ниту оваа власт.
– Што би правела Македонија без едно Вевчани? Што би правел без вас Вевчанци? Чест и задоволство ми е што сум денес со вас. Секоја година од овде од пркосно Вевчани преку познатиот Вевчански карневал светот се запознава со нашата изворна македонска традиција, која се пренесува од генерација на генерација. И тоа како најскапоцена семејна вредност, појасни Дурловски.
Дурловски додаде дека Вевчанци директно в лице им ја кажува вистината на сите, упатувајќи една силна порака Македонците се народ кој има обичаи и традиција и кои не изумираат.
– Затоа сум сигурен дека и овојпат Вевчани ќе ја одбере страната на вистината, и ќе ги земе работите во свои раце. Доста беше, оној кој лаже мора да биде поразен од народот. Време е за промени. Ние ќе го носиме товарот на вистината и со тоа, а и со својот авторитет ќе дадеме глас на вистината, појасни Дурловски.
Дурловски потсети дека три години пред очите на граѓаните се газеше националното достоинство, се редефинираше идентитетот, ја понижија Република Македонија. Поради оваа власт се е предмет на пазар и ништо не е сигурно.
– Овие избори се шанса која не смееме да ја пропуштиме, ова е шанса за нас и за нашите семејства. Ние сме Македонци и веруваме во оваа земја Македонија. Таа верба не можат да ја уништат група на лакоми политичари, кои лесно можат да бидат победени. Да им докажеме заедно дека нема да дозволиме да не потценат и прелажат . Да им докажеме дека сме подобри и помудри од нив, порача Дурловски од Вевчани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива