Избор Избори 2020 Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Колев: Реформа во администрација за намалување на јавните трошоци и пренамена на средствата за вложувања во образованието и здравството

Охрид, 29. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Реформа во администрација и промената на политичкиот систем преку намалување на бројот на пратеници и министри со цел намалување на јавните трошоци и пренамена на средствата за вложувања во образованието и здравството, порача денес претседателот на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ), Петар Колев.

Според него политичките промени и реформи треба да започнат од врвот на пирамидата т.е од политичарите. ГДУ се залага за намалување на бројот на претеници во Собранието на Република Македонија на 90 по моделот на Словенија во нивниот прв мандат, а понатаму бројката да се намали на 61 пратеник.

– Собранието е една гласачка машина која што се докажа дека е премногу скапа за граѓаните на Република Македонија. Над 7 милиони евра се трошат на основа на бруто плата за пратеници во Собрание. Со само половината од тие средства ние би можеле да изградиме едно модерно училиште по германски модел во кое ќе се образуваат над 800 ученици. Затоа зборуваме за основни приоритети како што се образование и здравствво. Кога размислуваме за промена на политичкиот систем нема како да пропуштиме дека за оваа година македонското собрание има буџет од 10 милиони евра. Со половината од тој буџет може да се развие охридската, битолската или било која друга болница како основен приоритет во општеството, а тоа е здравјето на граѓаните, потенцира Колев.

Од ГДУ размислуваат за реформа и во извршната власт со крајна цел рационализација и ефектуирање на работата на администрацијата и предлагаат Влада со 15 министри во која ќе нема можност за министри без ресор и конечно да се стави крај на патните трошоци

– Сметаме дека купувањето на политички мир со назначуавње на министри без ресор во Влада е крајно време да претане како пракса, бидејќи граѓаните не се должни на луѓе кои релно не работат ништо да им исплаќаат високи плати и привилегии. Треба да се стави крај на патните трошоци во оваа држава. Кога ќе завршиме со врвот на пирамидата, намалување на бројот на претеници, на министри во Влада, тогаш можеме да зборуваме за намалување на бројот на советници на премиерот и воведување пракса на еден заменик министер. Со намалување на сите тие трошоци ќе останат средства во буџетот кои ќе може да ги инвестираме во нашите основни приоритети здравство и образование како и капитални инвестиции во цела република, додаде Колев.

Од ГДУ планираат намалување на бројот државни агенции, администрација преку рационализација и предвремено пензионирање.

– Кога зборуваме за кратење на јавните трошоци не може да не ги споменеме апсолутно паразитската пракса на надзорни и управни одбори на државни институции и претпријатија кои за жал освен што земаат плата од буџет со ништо друго не придонесуваат на општеството и на средината во која живеат, рече Колев.

На прес конференицијата на која присуствуваше и носителот на кандидатската листа во изборна едицица 5, Даниел Јорданоски, Колев изрази надеж и уверување дека нивните предлози и идеи во оваа кампања ќе наидат на разбирање кај граѓаните, дека ГДУ ќе ја добие нивната поддршката за да може ставовите на партијата да се одбранат и заштитат во идниот парламентарен состав. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука