Сашо Нелоски е долгогодишен новинар во Македонската радио-телевизија кој ја информира македонската и пошироката јавност за случувањата во Охрид и регионот.
Од почетокот на својата новинарска кариера тој и остана верен на својата матична куќа, а вели дека за да остане човек доследен и професионален,не само во новинарството, туку и во секоја друга професија, треба да биде чесен, добронамерен, да ги сака и почитува луѓето, својот град и државата. Во својот досегашен работен век, Нелоски има изработено над осум илјади прилози, извештаи, вести или репортажи. Во интервју за Супер радио и OhridPress вели дека хендикеп, според него, е тоа што е максимално ангажиран за информативната програма, така што многу малку време му останува да се посвети на репортажите и белешките за Охрид кој изобилува со теми кои можат најсоодветно да легнат токму во овие новинарски жанрови.
Супер радио: Долги години пливате во новинарските води. Низ децениите наназад се менуваат владејачките гарнитури, а со тоа и уредувачката политика на јавниот сервис. Како успевате сите овие години да останете доследен и професионален во својата работа?
Нелоски: Според мене, за човек да биде доследен и професионален,не само во новинарството, туку и во секоја друга професија треба да биде чесен, добронамерен, да ги сака и почитува луѓето, својот град и државата. Навистина со годините се менуваше уредничката политика во мојата матична куќа, но веднаш да расчистиме, се работи за јавен сервис каде што професионалноста секогаш била на завидно ниво во споредба со другите медиуми.
Можеби ова некому нема да му се допадне и не тврдам дека се’ што работиме во МРТВ е идеално, но без разлика на тоа која гарнитура ја водела МРТВ, барем што се однесува до мене никогаш не се случило некој од уредниците да интервенира на мојот текст и да ме принуди да го прочитам. Не велам дека некои уредници никогаш не посакале да ја наметнат својата волја или став, меѓутоа секогаш на крајот сум го пишувал она што сум го сакал и мислам дека во тоа е големината на МРТВ. Не тврдам дека секогаш сум бил во право, човек што работи нормално е да прави грешки, меѓутоа силата да опстојувам ми ја дава поддршката која ја добивам од редакцијата и од матичната куќа. Сакам да кажам дека апсолутно никој не може да ве натера да напишете злонамерен текст доколку држите до себе и до својата чест.
Супер радио: За љубовта кон новинарството. Што беше пресудно за да ја одберете оваа професија?
Нелоски: Ќе бидам искрен, новинарството не беше професијата која ја посакував. Моја желба беше да се запишам на Факултетот за безбедност, но десеттина дена пред уписите случајно во мојот дом дојде еден пријател на мојот татко, инаку полициски инспектор, кој по еден мошне содржаен разговор ме премисли. Пресудни беа зборовите: „За сите мои роднини, пријатели и другарите без разлика на нашата блискост, јас секогаш ќе останам полицаец пред кого треба да внимаваат што зборуваат и што прават“. Се разбира, ја активирав втората опција и се запишав на Факултетот за новинарство во Скопје и мислам дека го направив најдобриот избор.
Супер радио: Имавте среќа, но и чест да го печете занаетот и од повозрасните колеги. Обично се вели, занает никој не ти дава, туку мораш да го крадеш. Какви беа вашите колеги во пренесувањето на искуствата и од кого најмногу учевте?
Нелоски: Мислам дека навистина имав среќа и чест да бидам дел од охридската новинарска заедница кога една генерација новинари беше во својот зенит. Имињата на Веле Митаноски, Цветан Стефанов, Димитар Пејчиновски, Јаким Каневче, Драган Чубриќ, Благоја Силјаноски може да се каже дека и денеска се гордост, не само на охридското, туку и на македонското новинарство. Ако на нив се додадат имињата на новинарите кои тогаш работеа во Радио Охрид, кое беше расадник на врвни новинарски пера, мора да кажам дека сум горд што имав можност да соработувам со нив.
И нормално, млад и неискусен новинар да краде барем по малку од сите нив – се работеше за врвни професионалци во овој занает. Сите на свој начин, со својот стил беа бисери на македонското новинарство и убеден сум дека во тој период ниту еден друг македонски град, се разбира освен Скопје, немаше таква новинарска елита, која беше почитувана од политичарите, културните, образовните и научните кругови и што е најважно од граѓаните.
Супер радио: Со оглед на тоа што новинарството е мошне динамична професија, настаните не ретко се случуваат и по завршувањето на работнито ден, дали се каете по толку години работа што не одбравте некоја друга професија која има да речеме фиксно работно време?
Нелоски: Никогаш не сум се каел што новинарството сум го избрал како моја професија. Навистина некогаш е толку динамично што човек помислува дека тоа темпо повеќе не може да го издржи, меѓутоа по ден-два одмор таквите размислувања исчезнуваат. Нели Черчил рекол дека новинарството е најубавата професија само ако навреме се напушти, меѓутоа јас се уште не се откажувам. Упорен сум, иако првиот објавен прилог за МТВ уште како студент и хонорарец го изработив во далечната 1986 година. А, за работното време, па супер е, барем не мораме рано наутро да стануваме, а не е важно каде ќе не однесе денот. Се шегувам бидеќи не е лесно да се работи за празници, викенди, попладне, навечер, токму кога се собира семејството. Тогаш во Охрид се најбројни настаните, но човек се навикнува на тој ритам.
Супер радио: За што најчесто сака да пишува Нелоски?
Нелоски: Уживам во белешките и мини репортажите. Историјата, културното наследство, езерото и убавините на Охрид се неисцрпна инспирација. За жал, поради големиот број дневни настани се уште не сум го сработил сето она што сум го замислил, но хендикеп за мене е тоа што работам за информативната програма поради што ми е ограничена должината на прилозите. Сепак во неколку наврати сум работел и на пошироки репортажи, како онаа за нуркачот Милутин Секулоски – Миќо, за тоа како ја открил праисториската наколна населба кај Градиште. На тој проект со снимателот и монтажер Тони Нически работевме со огромно задоволство. Се фаќавме за работа по завршувањето на дневните настани и мислам дека направивме убава репортажа, а Миќо е личност која го заслужува тоа бидеќи даде огромен придонес за афирмација на Охрид.
Супер радио: Со текот на годините, низ секојдневните контакти стекнувавте и нови познанства зашто во Охрид отсекогаш доаѓале познати личности од сите страни на светот. Кој најмногу ќе ви остане во сеќавање?
Нелоски: Тешко би можел да дадам одговор на ова прашање. Во мојот работен век сум изработил преку 8.000 прилози, извештаи, вести или репортажи. Ако се знае дека при секое снимање се земаат изјави од најмалку едно лице, а во повеќето случаи се работи за два, три, а понекогаш и повеќе соговорници, можете да замислите за колкав број лица станува збор. Не би сакал никого да издвојувам меѓутоа сум задоволен што оваа професија ми овозможи контакти и познанства со многу познати личности од земјата и светот.
Супер радио: Дописниците на националните сервиси, исто како и новинарите во локалните редакции не покриваат само одредени сфери, туку известуваат буквално, за се` и сешто што се случува во градот и регионот. Динамиката на работа особено се зголемува во текот на летниот период, која речиси секоја минува во Охрид се случува по нешто, дали е тоа настан од областа на културата, туризмот, или пак, немили настани. Значи ли тоа дека во лето, Нелоски е хиперпродуктивен во пишувањето и испраќањето вести, извештаи, репортажи и слично од Охрид и регионот?
Нелоски: Не само јас, туку сите новинари од Охрид се хиперпродуктивни во лето, но и во текот на целата година. До осамостојувањето на Република Македонија по главната туристичка сезона можеше и да се здивне, но сега е друго време, Охрид е постојано актуелен, па можам да кажам дека без разлика на годишното време во Охрид има работа. Се разбира во текот на летото сме повеќе ангажирани па така се случувало да работам по 20-30 дена без ниту еден слободен ден.
Привилегијата да се живее во овој прекрасен град во некои моменти ја прави нашата професија многу тешка, а од друга страна актуелноста на градот ни ја олеснува работата во текот на зимата. Додека дописниците од другите градови мака мачат да смислат прилог, за нас е доволно да се искачиме на охридскиот рид и да направиме сторија за некој од непроценливите споменици на културата. Понекогаш прекрасните панорами на Охрид, сите тие убавини на езерото и природата што го опкружува прават нашиот просечен текст да се вклопи во солиден прилог. Тоа се предностите и маните да се работи во овој град.
Супер радио: Како гледате на новинарството денес? Има ли промена во новинарството некогаш и сега?
Нелоски: Ако ги споредам моите почетоци со она што сега го работам, без размислување ќе кажам дека промените се огромни. Новинарството станува се’ подинамична професија, а новите технологии даваат огромен придонес во тоа. Што се однесува до професионалноста, сметам дека како новинарска фела во изминатите две децении потфрливме. Како што можам да видам, некои колеги достоинството го губат за ситни пари и според мене ќе треба многу време за да се вратиме на вистинските патеки.
Ми се чини дека во оваа професија залутаа луѓе кои не знаејќи што да прават со себе решиле да бидат новинари и не избираат средства за да дојдат до профит. Се пишува се’ и сешто, се оцрнуваат луѓе без притоа да бидат прашани дали е вистина она што се зборува за нив. Сепак најмногу ми пречи кога пред главната туристичка сезона некој од колегите ќе го омаловажи својот град или ќе измисли лоша приказна со која ги одвраќа туристите.
Супер радио: А каква беше дружбата некогаш и сега помеѓу колегите?
Нелоски: Убавото друштво кое го запознав на почетокот од кариерата беше поопуштено, сакаше повеќе дружби, немаше подметнувања. Но, тоа беа други времиња, работата беше помалку динамична што не значи дека не се работеше. И сега сакаме повеќе да се дружиме, меѓутоа настаните не го дозволуваат тоа, секој има свои обврски кои му ги задала редакцијата и тешко наоѓаме време за кафе муабет, а камоли за повеќе.
Сепак сметам дека охридските новинари се далеку посолидарни во споредба со некои колеги од другите градови, бидеќи досега никогаш не се случило некој да побара помош доколку затаила техниката, а да не ја добил.
Супер радио: Постојат бројни анегдоти од другарувањето со колегите низ децениите нанзад кои секогаш при нашите дружби, како еден од најискусните колеги знаете да ни ги пренесете и да не насмеете. Што би извоиле во оваа пригода?
Нелоски: Анегдоти има многу, особено такви кои што се случуваа во некогашниот Дописен центар на МРТВ. Бевме како едно семејство, Благоја Силјаноски, Јаким Каневче, Жанко Ванкоски, покојните Цветан Стефанов, Хилми Муџахит и Љубен Шурбановски, а во поново време Петар Трајановски и Тони Нически.
Овојпат ќе раскажам една шега која на моја сметка ја направи мојот почитуван колега Милчо Јовановски. Беше врнежлив ден со многу ветер,а ние по обичај кога немаше работа игравме шах. Звони телефонот и Милчо со сериозен глас ми вели „Тргнувајте веднаш на пристаниште бидеќи од брановите е оштетен бродот „Македонија“ и најверојатно ќе потоне“. Што да кажам, веднаш паника, им велам на снимателите да ја земат камерата, се растрчавме и токму пред да заминеме повторно звони телефонот. Го слушам повторно гласот на Милчо и си помислив дека ја утнавме работата, а тој со насмевка ми вели дека се мајтапеле со нас. Шегата навистина беше успешна. Како и да е, не му останавме должни, но за тоа во друга пригода.
Супер радио: Кои се ситните задоволства што го прават среќен Нелоски во секојдневието?
Нелоски: Па како и секој човек, уживам во друштво со пријателите, роднините, во добро кафе, а понекогаш во чашка жесток пијалок. Како што велат, малите задоволства се најубави, а нив за среќа ги има доволно во мојот живот. Среќен сум кога не само мене, туку и на сите што ги сакам и почитувам им се случуваат само убави нешта.
Другите за Нелоски:
Тони Нически, камерман – Со Сашо соработувам веќе десет години. Немам соодветни зборови со кои би ги опишал негопвото пријателство, смисла за дружба, за помагање и за хумор. Тој е голем професионалец и во овие години колку што сме заедно преку работењето, никогаш не сме си рекле лош или злонамерен збор.
Севда Богданоска, роднина – Спомените за Сашо ме враќаат во неговото детство. Уште тогаш го покажуваше своето чувство за другарување со луѓето, желба и смисла за комуникација. И ден-денес, тој е скромен човек со кого секогаш можеш и да разговараш на каква било тема, почнувајќи од секојдневието и поблиското опкружување до сите оние случувања во различни области што ги следи преку новинарството. За него можам да кажам дека е еден од ретките кој максимално професионално и објективно е посветен на својата работа и како таков опстојува долги години во МРТ.
Супер радио/А.Р.