Охрид, 30. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – На Инфективното одделение во охридската Општа болница се хоспитализирани 18 пациенти позитивни на коронавирус, информира за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески.
Капацитетот на легла на Инфективното одделение е 18, а со преадаптација и на други одделенија се овозможи во болницата да може да се примат 25 пациенти.
– Моментално на Инфективното одделение имаме 18 пациенти позитивни на вирусот, шест пациенти се на кислородна поддршка. Имаме и 6 суспектни, односно сомнителни пациенти кои се згрижени на Геријатрија и за кои се обезбедени посебни услови согласно протоколите и насоките кои ни се дадени, вели д-р Балески.
Според статистиката моментално во Охрид има 144 пациенти активни на коронавирус. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 168 заразени лица, четворица починаа, а 20 се излекувани. Со ова Охрид ја надмина Струга и е петто место во државава по бројот на активни пациенти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива