Скопје, 1. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Државната изборна комисија (ДИК) денеска го заклучи Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори на 15-ти јули.
Право на глас на изборите ќе имаат 1 814 263 гласачи. Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица. Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки списоци се запишани 83.054 гласачи. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени лица.
Во Избирачкиот список се содржани и лицата кои до денот на изборите ќе наполнат 18 години, како и сите наши државјани кои доколку допатуваат во земјата на денот на гласање ќе можат да гласаат. Гласањето ќе може да го остварат само оние лица со важечки лична карта или пасош.
На 13-ти јули гласаат лицата позитивни на Ковид-19, а на 14-ти јули болните, немоќните и хронично болните, кои за гласање можат да достават барање до ОИК најдоцна до 8-ми јули на полноќ. Позитивните на Ковид-19 тоа треба да го направат со полномошник. На 90 избирачки места во нашата држава има помалку од 10 гласачи и според Избирнот законик, овие избирачи ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива