Избор Избори 2020 Македонија ТОП ВЕСТИ

Болните од COVID-19, лицата во самоизолација, немоќните и хронично болните можат да се пријавуваат за гласање за изборите

Скопје, 1. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Лицата со COVID-19 и во самоизолација, болните, немоќните и хронично болните може да се пријават за гласање на предвремените парламентарни избори до Општинските изборни комисии со приложување на соодветна медицинска документација најдоцна до 8-ми јули на полноќ.

Рокот за пријавување за гласање на лицата во домашен притвор е 11-ти јули на полноќ.

Поради состојбата со Ковид-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. Предизборната кампања завршува на 12-ти јули на полноќ, од кога почнува молкот. На 13-ти јули ќе гласаат лицата со Ковид-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а  поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21.00 часот.

Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес.

На 15-ти јули сите 3.840 избирачки места ќе бидат дезинфицирани од ДИК. На денот на гласањето секој гласач е должен да држи пристојно растојание од метар и пол или два пред објектот на гласачкото место, како и пред влезот на секое гласачко место, и во самото гласачко место. Пред влегување е должен да ги дезинфицира рацете и должен да држи маска. На ниту еден гласач нема да му биде дозволено да влезе во гласачкото место ако претходно не ги дезифицира рацете и не носи маска. Следниот чекор е кога гласачот влегува со маската во избирачкото место и истиот е должен при идентификација на кратко да ја извади маската за избирачкиот одбор да го утврди неговиот идентитет. Рацете ќе треба да се дезифинцира при влегувањето и излегувањето од гласачкото место.

Избирачките одбори внатре во просторијата се должни да седат на дозволено растојание од метар до метар и половина, и постојано да носат заштитна маска, како и ракавици. Гласачите не треба да носат ракавици кога ќе влегуваат во гласачките места. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука