Охрид, 2. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно девет здравствени работници од Охрид ќе бидат дел од трите посебни избирачките одбори за COVID-19.
Шест од нив ќе бидат претседатели и членови на одбори во Охрид, а тројца во општина Дебрца. Најголемиот дел од здравствените работници се од Општа болница Охрид, а има и од Специјалните болници „Св.Еразмо“ и „Св.Стефан“.
Овие посебни избирачки одбори (ПИО) се формирани за да можат болните од COVID-19 и лицата во изолација и самоизолација да го остварат своето гласачко право.
Лицата со COVID-19 и во самоизолација ќе гласаат на 13-ти јули, а може да се пријават до Општинските изборни комисии со приложување на соодветна медицинска документација најдоцна до 8-ми јули на полноќ.
Членовите на ПИО, ќе бидат опремени со лична заштитна опрема која се состои од: мантил за еднократна употреба, ракавици за еднократна употреба, стандардна заштитна маска и средство за дезинфекција. Членовите на ПИО, според утврдените задолжителни препораки, заштитната опрема ја менуваат по завршување на гласањето во домот на секој гласач, односно толку пати колку што ќе одат да посетат домови на лица каде што ќе се гласа. Лицето кое ќе гласа задолжително треба да носи заштитна маска преку носот и устата. При самото влегување во просторот (домот) најпрво лицето кое гласа ги дезинфицира рацете. При влезот во домот на гласачот пред да му се даде гласачкото ливче, на гласачот му се дава заштитна маска доколку ја нема и задолжителни заштитни ракавици. При подавањето на личната карта лицето кое ќе гласа накратко ја симнува маската за идентификација и ја одржува препорачаната дистанца минимум од членовите на избирачкиот одбор, кои исто така се целосно заштитно опремени. Пред да му се даде ливчето за гласање на гласачот задолжително е да ги дезинфицира рацете на кои исто така има заштитни ракавици. По завршувањето на гласањето, лицето кое гласа повторно ги дезинфицира рацете. Во целиот процес на гласање задолжително се обезбедува минималната физичка дистанца од еден, до еден и пол метар.
Нема да се спроведува дезинфекција на гласачката кутија после секој гласач. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива