COVID-19 Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Филипче: Охридската болница со својата експертиза успешно одговори на ковид кризата

Охрид, 3. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридската болница е еден од регионалните ковид центри кои посветено работат и се грижат за пациентите во оваа криза предизвикана од вирусот. Имаме секојдневна комуникација како во однос на трансферот на пациенти од една во друга установа, така и доколку има потреба за потешките случаи кои треба да се носат на скопските клиники, рече денеска од Охрид министерот за здравство Венко Филипче.

Во рамки на денешната посета тој беше во Општата болница и во Специјалната болница „Св. Еразмо“.

– Уште на самиот почеток се одвои еден дел од болницата, но и експерти, специјалисти, инфектолози кои ќе работат со ковид пациенти. Сакам да им изразам голема благодарност и да упатам честитки пред сé затоа што многу брзо се престроија за време на почетокот на оваа криза, нешто за што ниту еден здравствен систем во светот не очекувал, не бил подготвен дека ќе се случи. Ние покажавме дека можеме за многу кратко време со таква прераспределба на кадар и подготовка на капацитетите на болницата да одговориме на овие предизвици, рече Филипче.

Image may contain: 1 person, standing, tree, child and outdoor

Истакна дека во изминатите две години се реализирани голем број вработувања, над 70 во Општата болница, од кои околу 17 се лекари и дел се пратени на специјализиција.

– Со тоа покажавме дека водиме сметка за јавното здравство, пред сѐ за еден од најзначајни сегменти во јавното здравство, а тоа се луѓето, докторите, медицинските сестри и останатиот помошен медицински персонал. Тие се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем, како и досега, но сега е уште повеќе видливо е столбот на државата, додаде министерот Филипче.

Во однос на растот на бројката на новозаболени, тојистакна дека светската статистика покажува дека вирусот не спласнува и секаде каде се попуштаат мерките има нови заразени. Но, според него простото споредување само на бројките на регионално ниво не е показател на состојбата.

Image may contain: 2 people, people standing and outdoor

– Огромен процент од новодијагностицираните се асимптоматски или со лесна слика, но со тестирањето можеме да предвидиме што ќе се случи како притисок врз болничките капацитети, како врз болниците, така и врз кадарот. Сметам дека системот на широко тестирање е одличен, секако друг пристап може да значи дека во еден миг болниците ќе бидат затрупани со пациенти, а тоа сакаме да го избегнеме, рече Филипче.

Во охридската болница има хоспитализирано 25 пациенти позитивни на COVID-19, а шестмина се на кислородна поддршка. Директорот д-р Горан Балевски потенцира дека состојбата е тешка но стабилна, дека имаат опрема и доволна количина кислород за пациентите кои се згрижени на одделенијата и како установа и натаму стојат на располагање со сите капацитети за прием и третман на болни. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука