јули 4, 2020

Охрид, 4. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во време кога институциите предводени од СДСМ катастрофално лошо се справуваат со коронавирусот и последиците од него, во услови кога здравјето на сѐ повеќе наши сограѓани е доведено во сериозна опасност, градоначалникот Константин Георгиески формирал тим, кој замислете има задача да го координира Општинскиот кризен штаб во врска со справување со последиците од КОВИД-19, без стручни лица во него и исклучиво за партиски потреби на СДСМ.

Значи поставил „координатор на координаторот“!? – порача на денешната прес конференција Перчо Божиновски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

– Оттука Георгиески треба да одговори: Зошто формирал паралелно тело на Општинскиот кризен штаб кое има задача истиот да го координира? Дали во рамки на ова чудно тело и по состав и по функција има барем еден доктор? Дали вкупниот буџет кој се одвојува за членовите е повисок од платата на Градоначалникот на Охрид и Директорот на Општа болница во Охрид? Дали преку ова тело под превезот на борба со КОВИД-19 се изигрува одлуката на Антикорупциска комисија за неможност за привремени вработувања во време на избори и ова е единствениот начин за вдомување на партиските послушници на СДСМ? Дали координатор на ова тело е најблизок соработник на градоначалникот Георгиески, дел од неговиот кабинет и за колкав надомест го работи тоа? Јавноста чека одговори веднаш и има право да ја знае вистината! ВМРО-ДПМНЕ има индиции и отворено се сомнева за злоупотреба на народните пари во партиски цели на СДСМ. Секојдневно добиваме сѐ повеќе информации за сериозни злоупотреби во рамки на општинската администрација и јавните претпријатија. Одговорност мора да има, и ќе има! На 15 јули – Обновата доаѓа – порачаа од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука