Охрид, 7. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – 64 барања од лица со хронични болести и 4 од лица со COVID-19 пристигнале до Општинската Изборна комисија во Охрид за гласање на предвремените парламентарни избори.
Краен рок за пријавување за гласање за заболените од коронавирус и хронично болните и изнемоштени лица е 8-ми јули на полноќ.
Oд ОИК велат дека подготовките за нормално функционирање на избирачките одбори се веќе завршени, а во тек се нивни обуки. Вкупно девет здравствени работници од Охрид ќе бидат дел од трите посебни избирачките одбори за COVID-19. Шест од нив ќе бидат претседатели и членови на одбори во Охрид, а тројца во општина Дебрца. Најголемиот дел од здравствените работници се од Општа болница Охрид, а има и од Специјалните болници „Св.Еразмо“ и „Св.Стефан“.
Овие посебни избирачки одбори (ПИО) се формирани за да можат болните од COVID-19 и лицата во изолација и самоизолација да го остварат своето гласачко право.
Поради состојбата со COVID-19 овој изборен циклус се одвива во специфични услови. Предизборната кампања завршува на 12-ти јули на полноќ, од кога почнува молкот. На 13-ти јули ќе гласаат лицата со COVID-19 и во самоизолација, на 14-ти јули болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. На 15-ти јули гласањето на парламентарните избори ќе започне во 07:00 часот наутро, а поради актуелната состојбаќе биде продолжено и ќе трае до 21:00 часот. Во Охрид ќе се гласа на 89 избирачки места.
Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива