јули 10, 2020

Охрид, 10. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и Струга се меѓу градовите каде ќе се формираат регионални „Ковид – центри“, одлучија првите луѓе на 16 општини во Република Македонија, кои го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести.

Градоначалниците на Охрид, Струга, Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Кочани, Велес, Тетово, Штип, Битола и Ресен и Прилеп донесоа одлука да се формираат вакви регионални „Ковид- центри“ во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, во кои би можело да се аплицира систем на монтажни модули, односно мобилни болници како подготовка за справување со евентуален есенски бран на пандемијата.

Градоначалниците побарале во овој период да се изработат потребни протоколи за одредени постапки што ќе треба да ги преземе општината.

На состанокот било истакнато дека одредени општини се соочуваат со исцрпени локални буџети, и во иднина може да се очекува тоа да преставува сериозна пречка за активности на локалната власт за превенција и заштита од вирусот, наведуваат од општината.

На 13-ти јули, Министерството ќе организира состанок со директорите на болниците во овие градови, од каде ќе добијат дополнителна слика за здравствените капацитети и за техничките потреби за поподготвено превенирање од евентуален, позасилен бран во наредниот период од оваа епидемиолошка криза. (Крај)

извор: МИА фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука