Скопје/Охрид, 14. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Над 8.800 болни, лица кои се во затвор и оние кои се приведени или се сместени во старечки домови, денеска ќе го дадат својот глас на предвремените парламентарни избори во Република Македонија.
Вчера својот глас го дадоа лицата кои се заразени со COVID-19 и оние кои се изолирани поради коронавирусот. Процесот го изведуваа повеќе специјални изборни тимови, формирани од страна на Државната изборна комисија. Тимовите беа составени од тројца здравствени работници, а претставниците на политичките партии имаа право да назначат член за набљудување на гласањето. Тие ги посетија лицата во самоизолација кои сакаат да гласаат од своите домови.
– Вкупно 723 лица го искористија правото на глас во рамките на изборниот процес што се организираше за заболените од COVID-19, кои се наоѓаат во изолација и лицата во самоизолација, информираа синоќа од Државната изборна комисија (ДИК).
До Општинската изборна комисија во Охрид пристигнале 241 барање за гласање од лица со хронични болести и 34 од лица со COVID-19.
Од 89 избирачки места во Охрид на кои ќе се гласа во среда, 20 се преместени заради почитување на здравствените протоколи. Овие избирачки места се префрлени на ниови локации, бидејќи претходните, од минатите изборни циклуси не ги исполнуваа условите за безбедно спроведување на гласачкиот процес, имајќи ја во предвид актуалната состојба со вирусот COVID-19, информира за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.
Повеќето од запишаните 1.814.263 гласачи ќе го дадат гласот во среда, на 15-ти јули, кога гласањето ќе биде продолжено за два часа и ќе трае од 07:00 до 21:00 часот. Избирачите се поделени во шест изборни единици. Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии, а изборите ќе се одржат на 3.750 избирачки места. Никој нема да може да гласа без маска за лице. Маската ќе се отстранува само за идентификација на лицето кое сака да гласа. Секој избирач е должен да задржи растојание од 1,5 до 2 метри пред зградата и влезот во гласачкото место. Граѓаните ќе треба да ги дезинфицираат рацете пред да влезат и да излезат на избирачкото место. Петнаесет партии и коалиции се натпреваруваат за 120 места во македонскиот парламент.
Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес.
Првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат, Државната изборна комисија ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршување на изборите. Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги објави најдоцна во рок од 24 часа од денот на завршувањето на изборите. (Крај)
извор: Слободнаевропа.мк/ОхридПрес фото: архива