јули 15, 2020

Охрид, 15. јули 2020 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Република Македонија се одржуваат десеттите парламентарни избори, воедно и петти предвремени.

1.814.263 граѓани со право на глас ќе ги изберат пратениците во новиот состав на Собранието. Овие избори се одвиваат во необични услови и под посебни протоколи поради пандемијата со коронавирусот, а гласањето трае три дена. Во понеделникот гласаа лицата со COVID-19 и во самоизолација, а вчера болните, немоќните, хронично болните и лицата во затворите и во домашен притвор. Денеска гласањето ќе трае до 21:00 часот.

Од ДИК излегоа со задолжителни препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес.

Во единствениот избирачки список во општина Охрид се евидентирани вкупно 52.510 граѓани со право на глас. Се гласа на 89 избирачки места. Од нив 20 се преместени на други локации бидејќи претходните не ги исполнуваа условите за безбедно спроведување на гласачкиот процес, имајќи ја во предвид актуалната состојба со вирусот COVID-19. На старите локации се поставени известувања за новата локација на гласачкото место.

Во општина Дебрца евидентирани се 3.480 гласачи, а се гласа на 28 избирачки места. Со оглед на тоа што ги исполнуваат условите согласно здравствените протоколи, таму нема промени во локациите на гласачките места.

Согласно Упатството на ДИК на гласачкото ливче се заокружува редниот број на подносителот на листата, само така истото ќе биде важечко.

За овие избори акредитирани се 2.508 домашни набљудувачи, и 96 странски, како и 56 преведувачи и 55 странски новинари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука