Охриѓанецот Ѓоко Томоски е инструктор по боречки вештини. Иако е млад човек, вели од боречките вештини научил многу во животот, но и натаму учи од нив. Денешниот живот е премногу динамичен, а тоа води кон стресни ситуации, кое може да доведе до лошо раположние итн. Од тој аспект можам да кажам дека боречките вештини тука имаат многу голема улога во намалување на стресот, вели во интервју за OhridPress и Супер радио Томоски.
Супер радио: Најпрвин како се роди љубовта кон боречките вештини и од кога тренираш?
Томоски: Се започна во 1992 година, на мои 14 години кога сосема случајно, можеби инспирирани и од тогашни некои филмови за боречки вештини каде што вештините ги перципиравме од поинаков аспект, за разлика од денеска, со другарите се запишавме во тогашниот Карате клуб „Охрид“ каде инструктори беа Сенсеи Златко Кеско и Борче Митрески. Веќе од 1993 година, инструкторската дејност во клубот ја презеде исклучиво Сенсеи Кеско, а од 1995 година Сенсеи Кеско го оформува Карате клубот „Самурај“, клуб кој функционира и ден-денес, и кој што од 2006 година го водам јас како инструктор.
Тоа е период којшто е од посебно значење за мене. Зошто? Затоа што тогаш тоа е првиот клуб во Охрид, и еден од ретките во Македонија којшто работи исклучиво во простории наменети за боречки вештини, што за тоа време беше навистина нешто посебно и привилегирано кога сите останати вежбаа во школски сали,потоа натпреварувачкиот период и некои позначајни резултати ги имав токму таму. Во 1997 година започнав како асистент во клубот, ги водев тренинзите на почетничките-малите групи, а и таму за првпат се запознав со уште една боречка вештина – аикидо, која што активно ја практицирав од 1999 до 2009 година и во која сум носител на мајсторско звање – црн појас 1-ви Дан.
Во периодот од 2001-2004 одржував карате тренинзи и во некои други клубови во Охрид, од 2006 целосно го преземам Карате доџо „Самурај“, па постепено со сениорите од клубот ја шириме традицијата на карате и преку отворање на други клубови, односно секции како на пример Карате доџо „Зен-Самурај“ – инструктор Божидар Нелоски, кој функционира во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, потоа секцијата во Пештани, кои функционираат како ЈКА-Охрид (Japan Karate Association – Ohrid), членови на ЈКА-Македонија. Во 2008 година започнав со практицирање на Иаидо и Кендо, вештини кај кои се дава значење на употребата на јапонскиот меч – Катана, а, од 2009 година исклучиво се посветив на Карате-до, Кендо и Иаидо. Сега одржувам тренинзи за овие три вештини, во просториите на средното економско училиште „Св. Кирил и Методиј“.
Супер радио: Зошто токму карате, кендо и иаидо?
Томоски: Па, од оние јапонски боречки вештини кои најмногу се експонорани, експлоатирани и присутни во Македонија, уште не го имам запознаето џудото, ама сигурен сум дека на оваа возраст сепак би останал и продолжил со усовршување на овие три- карате, кендо, иаидо. Значи, да не бидам погрешно разбран, како личност во боречките вештини сум повеќе од 20 години и во тој период имам сфатено и научено дека нема подобра или полоша вештина, има подобар и полош учител и подобар и полош ученик, наспроти некои други инструктори кои ја фаворизираа онаа или оваа вештина. Тука во тој нивни став нема логика.Зошто? Тука ќе одговорам со една кратка зен поговорка: „многу патишта водат до врвот на планината“. Значи според мене, секој човек како посебна индивидуа се води со свои посебни физички, психолошки, моторни и други карактеристики, и секој според своите карактеристики треба да се пронајде која вештина или вештини му одговараат. Познавам инструктори кои вежбаат две или три вештини од 4-те најекспонирани и присутни во Македонија- карате и аикидо, (аикидо,кендо, иаидо), (карате, џудо), (аикидо, џудо), (карате, кендо). Додека пак во филозофскиот и психолошкиот дел како основа на сите вештини е бушидо – Кодексот на Самураите.
Супер радио: Што подразбира бушидо?
Томоски: Во буквална смисла на зборот значи патото на воино. Буши е воин и до значи пат. Меѓутоа тоа е збир на непишани правила на однесување, на воспитување, и општо начин на живеење кон кои се придржувале самураите, воениот сталеж на Јапонија, а којшто со тек на време тие морално-етички вредности, принципите на храброст, лојалнолност, чесност, верност, пожртвуваност, учтивост, добродушност, скромност, принципот на чест итн., се слеале во боречките вештини.
Супер радио/А.Р.