ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Багерите на Нефи Усеини копаат песок на крајбрежјето на Охридско Eзеро

Охрид, 2. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Додека мандатарот најавуваше чесни и способни кадри, справување со проблемите и корупцијата, конечно воспоставување правна држава, на брегот на Охридското Езеро, механизацијата во сопственост на Нефи Усеини копа песок од литоралот (односно крајбрежјето) за потребите на бетонската база.

Со вакви обвинувања излегоа денес од граѓанската иницијатива Охрид SOS, од каде тврдат дека локацијата каде се копа е во права линија со базата.

-Нашиот сограѓанин кој го сподели видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани: „знаеш ли дека тука е забранет пристап“ и „тргни го телефонот, ќе ти го фрлиме у езеро!“. На механизацијата немало никакви обележја од фирма, велат од Охрид SOS.

Од граѓанската иницијатива ги повикуваат и охрабруваат сите сограѓани, сонародници, да го следат примерот на овој совесен млад човек и да снимат, да фотографираат, да реагираат до институции, медиуми, да бидат активно вклучени, да се следат сите девијации и пропусти кои се случуваат и да покажеме дека може да се направи промена.

Во меѓувреме, додека се урива дивоградбата пред скопска „Мавровка“, во Охрид, по предизборниот старт и мега најавената акција за рушење на диво изградените објекти во Охрид, нема најави за продолжување на акцијата за уривање на дивоградбите.

Првиот човек на Охрид, градоначалникот д-р Константин Георгиески неодамна изјави дека се вршела консолидација, дека уривањето на дивоградбитете било само привремено стопирано, но дека продолжувело на 15-ти август.

Повеќе од половина месец подоцна, во охридската јавност се се’ погласни реакциите дека уривањето е сепак стопирано и дека голем дел од моќниците и овој пат, како толку пати претходно ја однедоа победата над органите на власта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива видео: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука