Избор Општина Дебрца Празници ТОП ВЕСТИ

Преподобен Симеон Столпник, во Дебрца денес се пеело семето за есенската сеидба

Охрид, 14. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1-ви септември, Преподобен Симеон Столпник.

По потекло Симеон беше Сириец. Родителите му беа селани. На 18-годишна возраст тој ги напушти родителите и се замонаши. Откако помина неколку години во секакво смирување, одлучи да се предаде на посебен подвиг, дотогаш непознат во Црквата подвигот на столпништвото. Останатиот дел од животот го помина на врвот од еден висок столб, по дожд и по ветер, по жешко и студено време. Господ го удостои со дар на чудотворство. На сите што доаѓаа при него им помагаше како што можеше, исцелувајќи ги, советувајќи ги, поучувајќи ги. Живееше 103 години. Се упокои во 459 година, а моштите му беа подоцна пренесени во Антиохија.

На овој празник започнува црковната нова година. Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и многу заеднички елементи.

Именден празнуваат: Симо, Симеон, Симонка, Симон, Симона, Симка…

На први септември според стариот календар (или на 14-ти септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се смета за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестира со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината завршен е еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Преданието сведочи дека на Првиот вселенски собор е одредено црковната година да започнува на 1-ви септември. И кај Евреите со месецот септември започнувала граѓанската година, тогаш се собирале плодовите и се искажувала благодарност кон Бога. Во историјата на христијанството овој месец е значаен и по тоа што во септември царот Константин извојувал значајна победа над Максенциј, голем неверник и противник на христијанството и оттогаш започнало слободно изразување на христијанската вера.

Народното верување уште вели дека на овој ден започнува црковната година и дека по календарот што започнува со овој ден се раководеле светците како Божји луѓе. Се верувало и тоа дека на тој ден Господ на некои умрени што доволно се покајале им ги простувал гревовите. Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на преподобниот Симеон Столпник кој умрел на 1 септември 460 година на 103 годишна возраст.

Житието на преподобниот Симеон Столпник сведочи дека е роден во 357 година, во една погранична област меѓу Сирија и Каликија во Мала Азија. Потекнувал од селско семејство, од бедни и неуки родители но чесни христијани. Детските години ги поминал како овчарче чувајќи туѓи стада. На 18 годишна возраст се замонашил. Сакајќи што повеќе да се доближи до Бога изградил висок столб на кој минал подолго време во пост и молитви поради што е наречен Столпник. За тоа време кај столбот два пати доаѓала мајка му и го молела да слезе за да се видат, но тој сметал дека не треба да ја прекинува молитвата и не слегувал. Во близината на столбот се собирале луѓе кои ги слушале неговите молитви и присуствувале на чудата што се случувале по молитвите (лекување болни и сл.), така што тој уште за време на животот бил сметан за светец. Под столбот на кој тој престојувал доаѓале и многумина пагани кои ги слушале неговите емотивни беседи за Света Тројца, за Господ Исус Христос, пред неговите очи ги кршеле своите идоли и ја прифаќале христијанската вера. Особено се истакнал во разобличувањето на разните ереси кои се појавувале во тоа време. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување што е проследено со посебни обичаи и верувања. Иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и некои заеднички елементи, а тоа е пеењето на семето во црквата од страна на свештеникот, разните магиски заштити за богат род и чисто жито и сл.

Во Дебрца (Охридско) на Свети Симеон се пеело семето за есенската сеидба. Во една чинија се ставале разни семиња: пченица, ʼрж, јачмен, пченка грав и др. Во чинијата уште се ставало и босилек, а потоа таа се завиткувала со бела шамија (тулбенче) и се носела во црквата. Таму свештеникот ги пеел чиниите со семињата, од целото село заедно. По враќањето од црквата се одело на засевање. Ако времето не било стасано за засевање се засевало малку, барем неколку бразди, колку за адет. При засевањето најпрвин се сеело пеаното семе, а потоа босилекот се закачувал во нивата. Се верува дека босилекот има апотропејско дејство и дека нивата и житото ќе ги чува од разни несреќи, болести, поројни дождови, разни инсекти и сл. Според Веселин Чајкановиќ босилекот е божји цвет и дејствува како сигурен апотропејон. Откако ќе го насее пеаното семе орачот седнува да руча. На засевање за ручек задолжително се прави нешто сукано, за да се сучи касметот. Секогаш се засева на полна месечина и наутро кога сонцето оди нагоре. Тој ден по изнесувањето на семето не смее да се изнесува ништо црно од дома за да нема гламна житото, дури и на вода не се оди со црно котле или ѓумче.

Кога прв пат се оди засевање не чини некој со празен сад да го пресретне орачот. Може да им се случи несреќа на воловите, да му се скршат плугот или браната. Исто така, тој ден не се дава на заем ништо за да не се случи некој да го изнесе касметот од куќата. На заорување воловите се потураат со вода за да им биде лесно при орањето, како што е лесна водата или како што лесно оди водата. Кога ѕевгарот минува по патот сите што седат покрај патот стануваат и со тоа им прават чест на воловите, а се верува дека и земјата ќе им биде полесна кога ќе ораат. Очигледно во овие обичаи, верувања и магиски дејствија има многу елементи од имитативната, но и од преносната магија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука