Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Царовска: Можно е да се одложи наставата со физичко присуство за учениците од прво до трето одделение

Скопје, 18. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Наставата со физичко присуство можно е да не почне на 1-ви октомври, но онлајн наставата сигурно ќе почне на тој ден, кажа во Собранието министерката за образование Мила Царовска, на расправата за измените и дополнувањата на законите за основно и средно образование.

– Она што денеска го знаеме е дека планот на Владата е наставата да започне на 1-ви октомври. Но, започнувањето на учебната година зависи од епидемиолошката состојба. Да карикираме, ако на 25-ти септември имаме голем број заразени, да, ќе стартуваме со онлјан, но со физичко присуство од прво до трето одделение најверојатно ќе го преобмислиме. Ако имаме стабилна епидемиолошка состојба, одиме со планот којшто е подготвен, рече министерката.

Собранието во рамки на 12-та седница ја усвои потребата за донесување на измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Во образложението на законите за основно и за средно образование, Царовска рече дека измените не се од голем обем и сложеност и додаде оти овие законски измени се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес во текот на училишната година.

Во услови на вонредни околности, учебната година да може да започне и да заврши во различно време за што треба да одлучи Владата, предвидуваат измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование. Како вонредни околности, во законите се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на републиката или на нејзин дел.

– Се додава и нов став 5, кој уредува дека во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни денови, за што одлучува Владата. Ставот 6 станува став 9 и се регулира дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување на вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), зашто одлучува. Владата која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот, стои меѓу другото во образложението на измените на Законот за основно образование. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука