септември 22, 2020

Скопје, 22. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со коронавирусот кај нас како и секаде во светот, со крајот на летото се влошува, а ризикот кој го носи есента може да донесе на зголемен број на заразени. Во наредните неколку дена ќе презентираме нови мерки со цел сузбивање на коронавирусот, истакна на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

– Повеќе земји планираат пакет рестриктивни мерки. Ова е нешто што го најавуваме и посочувавме дека месец септември може да биде почеток на нов есенски бран. Граѓаните заборавија на важноста на почитување на мерките и последиците од нивното непочитување. Летото е зад нас, и стабилниот период завршува. Ризик е есента, аларм, дека мора сериозно да делуваме. Од анализите на епидемиолошките анкети главната причина за зголемување на бројката е непочитување на мерките како групирање, семејни прослави, свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните кои очигледно заборавија на почитување на мерките. Заради ова започнавме, а во следните денови ќе ги засилиме контролиите, сите инспекторати интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се сфати сериозно, потенцира Филипче.

Информира дека во тек се анализи и планови за воведување нови мерки за сузбивање на вирусот.

– Наша стратегија е навремено да воведеме мерки кои директно ќе влијаат на сузбивање на ширење на вирусот. Целта е да се спречат рестрикции во движењето, но доколку е нужно секако дека тоа ќе го направиме. Во следните денови ќе информираме за новите мерки, а дел од мерките кои ги разгледуваме се задолжително носење маска на отворено, ограничување на бројот на лица на маси во кафулиња, спречување на групирање на поголем број на лица, прецизен протокол за работа на угостителски објекти на затворено, намалување на капацитетите на јавниот превоз и поголеми казни за домашни собири и групирање, истакна Филипче.
Според него важечките мерки се сосем доволни, кои ако се почитуваат, нема да ни треба дополнителна рестрикција. Оние нови мерки кои би се вовеле се мали, за да не дојдеме во ситуација да воведеме построги.

Според анализите на Комисијата на заразни болести, заклучно со 19-ти септември, најголем број случаи има во Скопје, Куманово, Штип. И натаму најзастапена е групата над 60 години, но и групата од 30 до 39 години, што се должи на тоа дека овие категории на лица се изложени на многу контакти. Анализите на потврдени случаи на дистрибуција ни покажаа дека најчестите фактори за заразата се преку локален пренос на инфекцијата.
Филипче нагласи дека состојбата со болнички капацитети засега е стабилна, но апелира и потсетува на почитување на мерките и да не дозволиме да се преполнат болниците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука