ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Меѓународен ден на туризмот, Охрид го „преживеа“ ова лето, ќе го „преживее“ ли следното?

Охрид, 27. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Оставајќи зад себе една од најтешките сезони во светски рамки, денеска се одбележува Меѓународниот ден на туризмот.

Охрид, како најголемиот туристички центар во Република Македонија, беше солидно исполнет во текот на втората половина на јули, август и дел од септември. Тоа до некаде ги „залечи раните“ на туристичките работници, но и генерално на економијата во градот под Самуиловата тврдина, која беше сериозно разнишана под ударот на корона пандемијата. Државните мерки и туристичките ваучери до некаде помогнаа, но од друга страна отворија нови предизвици и сериозни проблеми во најава.

Оваа сезона, сместувачките капацитети скоро 100% беа исполнети со домашни гости, што секако мора да биде предмет на посебни анализи и да се превземат соодветни чекори во пресрет на следната сезона. Уште една сезона со ваков „квалитет“, може од корен да го смени пристапот кон туризмот во Охрид и квалитетот на истиот. Тоа е нешто на што се работеше долги години наназад, со сите направени поголеми или помали грешки, и сепак полека се движеше во посакуваниот правец. Оваа година, викенд становите, во комбинација со ваучерите, направија Охрид да наликува на некое работничко одморалиште од едни други времиња. Стратегијата мора да се менува, или во најдобар случај да се прилагоди, затоа што Охрид го „преживеа“ ова лето, но вистинско прашање е како ќе го „преживее“ следното, доколку се продолжи COVID-19 „приказната“.

Полното шеталиште е убаво за око, но доколку тоа не соодветствува во влезот на свежи средства во економијата, се движиме во правец, кој на подолг период, ќе значи скоро комплетно менување на сликата за градот. Ако на тоа се додадат и урбанистичките атаци, дивоградбите, криминалот, локалните шерифи кои прават што сакаат, стигнуваме до слика, која е далеку од розова за древниот Охрид.

Во Охрид денес сончево време со умерена облачност и температура до 28. степени

Според глобалните податоци, туризмот е третата најголема извозна индустрија во светот по хемиската и нафтената. Тоа носи надеж, просперитет и разбирање за толку многу животи и средства за живот низ целиот свет. Проценките, пред корона пандемијата, покажуваа дека туризмот ќе расте во просек од 3,3% годишно до 2030 година. Овој раст во текот на втората половина на 20-тиот век и 21-виот век се должи на фактот дека пристапот до туризмот постепено се проширува благодарение на признавањето на правото на празници во Универзалната декларација за човекови права, подобреното усвојување на работничките права во многу земји и растечката средна класа во светот. Понатаму, во последниве децении појавата на нови технологии кои се применуваат во туризмот и намалувањето на цената на транспортот, особено воздушниот сообраќај, доведоа до зголемување на меѓународните патувања.

Како и секоја активност, туризмот има силни ефекти врз економијата, општеството и животната средина во земјите од кои доаѓаат туристите, а особено во земјите што примаат туристи. Во текот на изминатите шест децении, туризмот доживеа континуирана експанзија и диверзификација и стана еден од најбрзо растечките и најзначајните економски сектори во светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука