ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Само две охридски основни училишта добија „амин“ за настава со физичко присуство

Охрид, 28. септември 2020 (ОХРИДПРЕС) – Само две основни училишта во Охрид добија целосна дозвола од Комисијата за заразни болести за организирање настава со физичко присуство од 1-ви октомври, за учениците од четврто до деветто одделение.

Според извештајот од Комисијата усвоен од Владата, се дозволува настава со физичко присуство во подрачните училишта на ОУ „Ванчо Николески“ во селата Косел и Куратица, како и на централниот објект на ОУ „Наум Охридски“ во село Пештани и подрачните училишта во Елшани, Коњско и Трпејца.

Делумна согласност за организирање на настава со физичко присуство доби ОМУ „Методи Патчев“. Комисијата даде согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците од прво до деветто одделение, со подготвен план од училиштето само за индивидуална настава за избраниот инструмен, со согласност на родителот и со почитување на заштитните епидемиолошки мерки пропишани во протоколот за настава со физичко присуство. „Амин“ од Комисијата не доби наставата со физичко присуство за учениците по теоретските предмети, солфеж, хор, оркестар и хорско пеење.

Иако побараа дозвола, од одлуката на Комисијата изостанаа поголемите основни училишта во Охрид: „Григор Прличев“ заедно со подрачното во село Рача, „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“, „Братство Единство“, „Кочо Рацин“ (централен објект и подрачното во село Лакочереј), централниот објект на „Ванчо Николески“ во село Лескоец и „Живко Чинго“ во Велгошти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука