Охрид, 1. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – ООУ „Ванчо Николески“ денес ги отвори вратите за вкупно 123 ученици кои ќе отпочнат да следат настава со физичко присуство во централното и подрачните училишта во учебната 2020/21 година.
Во училиштето во Лескоец и во подрачната паралелка во Ливоишта настава со физичко присуство ќе следат учениците од I до III одделение, додека во подрачните училишта во Косел и Куратица настава со физичко присуство ќе следат сите ученици од I до IX одделение.
Вработените во училиштето во претходниот период ги направија сите потребни подготовки за безбедно отпочнување на наставата во сите објекти. За првачињата во сите училишни згради беше организирана свечена приредба, со почитување на Протоколите за заштита од COVID-19. На приредбите настапија учениците од погорните одделенија кои преку песнички и пораки им посакаа добредојде на најмалите ученици, со желби за здравје и успех во стекнување на нови знаења во училиштето, но и многу другарување.
Првачињата во Лескоец со свечен говор ги поздрави директорката на училиштето, Елена Ел Нади.
-Почетокот на оваа ваша прва учебна година е малку поразличен од претходните години. Сите активности што ги направивте пред да влезете и откако влеговте во училиштето ќе ги практикувате секојдневно, но кога знаеме дека тоа е важно за вашето здравје, здравјето на вашите родители, братчиња и сестричиња, баба и дедо, вашите наставнички, другарчиња и сите околу нас, не треба да ни биде тешко. Оваа ситуација нема да биде препрека вие да зачекорите по вашата животна патека. Вашите наставнички ќе ве понесат по патот на знаењето и ќе чекорат заедно со вас, ќе ви даваат поддршка, ќе ве храбрат кога ќе ви биде тешко и ќе се радуваат на вашите успеси заедно со вас и вашите родители. Во училиштето ќе стекнувате знаења кои се основа за вашиот успех, но уште поважно е дека во ова училиште ќе ги негувате вистинските човечки вредности, ќе се почитувате меѓусебе, ќе си помагате, бидејќи наша цел е да бидете силни личности со позитивни особини, спремни за новите предизвици, истакна директорката Елена Ел Нади.
Наставата во ова училиште денес ја започнаа и останатите ученици од IV до IX одделение од Лескоец, кои со своите одделенски наставници го одржаа својот прв онлајн час. Тие оваа учебна година ја започнуваат со учење од далечина.
-Ние како училиште сме спремни, организирани, секојдневно ги надминуваме новите предизвици почитувајќи ги препораките за реализација на наставата во време на пандемија со COVID-19, па затоа сметаме дека новите околности нема да бидат препрека учениците да добијат квалитетна и безбедна настава во учебната 2020/21 година, порачуваат од училиштето. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива