октомври 4, 2020

Скопје, 4. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство на Република Македонија д-р Венко Филипче потврди дека Владата ги прифатила предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на 4.

-Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и диџеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица, рече Филипче во изјава за Тв 21.

Претходно, Филипче изјави дека ова се апсолутно оправдани мерки и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат, а има план и за дополнителни рестрикции доколку тоа се изнуди.

Тој додаде дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале како есенски бран по завршување на годишните одмори. Филипче информираше дека има зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст, 50 проценти, има во возрасната група од 20 до 30 години и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години.

Како една од можните мерки во наредниот период тој спомена ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено. Според него, за ваквите и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, како и зголемена загаденост на воздухот.

Комплетните мерки на Вадата на Република Македонија:

• Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).

• Се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.

• Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, точка 6. се брише и се заменува со „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“, а во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се додава нова точка: „максимален број на лица на една маса се ограничува на 4 лица“.

• Комисијата укажа, а Владата прифати на стриктно почитување на точка 3. не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси како во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти, така и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите.

• Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната. (Крај)

извор: Тв21/мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука