Скопје, 6. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на учебната година, бројот на учениците коишто следат онлајн настава е зголемен за околу 10%. За неполна недела околу 80% од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува, информираат од Министерството за образование и наука (МОН) на Република Македонија.
-Останатите, ученици и наставници во основно и средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет конекција или немањето уреди. Министерството за образование и наука е во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици.
Министерството за образование и наука информира дека моделот за онлајн настава се покажа функционален и успешен, а наставниците и учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина. Апелираме до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи. МОН информира и дека над 98% од учениците од 1-3 одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку Националната радио телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства, за да го следат совладувањето на наставниот материјал, додаваат од МОН. (Крај)
извор: Министерство за образование и наука фото: архива