COVID-19 Здравје Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Филипче: Влегуваме во есенскиот бран, да го поминеме со почитување на мерките, тие не се ничија желба или хир

Скопје, 7. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Со повторно високата бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран. Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Вели дека ги разбира граѓаните дека кај сите има голем замор од коорнавирусот, но тој е уште поголем кај здравствените работници.

– Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период. Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор, дециден е Филипче.

Потенцира дека мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир и дека истите ќе се носат секогаш кога ќе се процени дека се единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.

– Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат. За многумина препораките за одржување дистанца, носење маска и редовна дезинфекција се доволни мерки. Во оваа прилика сакам да им изразам голема благодарност и да им честитам на свесноста и совесноста. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три, истакна министерот.

Филипче нагласи дека ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании, но инспекциските служби веќе имаат поголеми надлежности и верува дека ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука