Скопје, 8. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од Министерството за образование и наука (МОН) информираат дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници.
Во сите училишта каде има позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес.
Во овој момент дополнително се истакнува потребата од учење од далечина, односно од комбиниран модел на настава кој се применува во училиштата. Имено, шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн. Дополнително, сите наставници и ученици кои се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес. МОН потесетува дека паралелно со онлајн наставата, се реализира и емитување на 15 минутни часови на телевизија преку Националната радио телевизија. Исто така се доставуваат печатени материјали до децата и тие се во постојана комуникација со нивните наставници.
Од вчера вечерта во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин” во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на COVID-19. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација. Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот COVID-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани. Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита.
Министерството за образование и наука на дневно ниво ја следи состојбата со Ковид-19 во училиштата и повикува на почитување на заштитните мерки и протоколите. Целта на мерките кои ги носи Владата е да се заштитат сите наставници и ученици и да се овозможи непречен образовен процес. Апелираме до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од COVID-19 во следниот период. Тие носат одговорност за сопственото здравје, но и за задравјето на учениците. (Крај)
извор: Министерство за образование и наука фото: архива