Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ: Уште колку неисплатени фактури од изборите има градоначалникот Георгиески кон советникот Нефи Усеини?

Охрид, 10. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Константин Георгиески работи само за лични интереси, а на штета на интересите на охриѓани, порача на денешната прес конференција Дејан Шикоски, советник во Советот на општина Охрид.

-Општина Охрид и градоначалникот Георгиески во индустриската зона „Мауцкер“ продадоа парцели по пат на јавно наддавање за багателна сума од 71 денар по метар квадратен. Уште колку неисплатени фактури од изборите има градоначалникот Георгиески кон советникот Нефи Усеини? Ако во објавата стои дека намената на градежното земјиште е лесна и незагадувачка индустрија тогаш Георгиески да одговори дали на продадените парцели ќе се гради асфалтна и бетонска база? Јавноста сака да слушне од Георгиески дали условите се свесно направени, за да не може никој друг да го купи земјиштето за таа смешна цена? Имено, за учество на електронското јавно наддавање се поставуваат селективни услови како банкарска гаранција за сериозност на понуда од дури 3.024.807 денари. Како дополнителни услови се бараат минимален износ на вкупни приходи остварени од работењето во последните три години во износ не помал од 150.000.000 денари и бројот на вработените да не е помал од 25 лица. ВМРО-ДПМНЕ до Државната комисија за спречување на корупција, ќе поднесе соодветна пријава против Градоначалникот на општина Охрид, заради тоа што спровел постапка за оттуѓување на градежно земјиште, поставувајќи ограничувачки услови кои се очигледно однапред договорени со својот коалиционен партнер, така што свесно спровел постапка нарушувајќи го начелото на лојална конкуренција, односно со поставените услови го ограничил конкурирањето на потенцијалните купувачи и на тој начин свесно го оштетил буџетот на општина Охрид, како и буџетот на Република Македонија, порачаа од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука