Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Професорот Марјан Радески од Охрид меѓу добитниците на признанието просветен работник на годината

Скопје, 15. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Професорот по географија во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во Охрид Марјан Радески е меѓу добитниците на признанието просветен работник за учебната 2019/2020 година.

Покрај Радески, признанието го добија и професорите Штефица Ујчик од Куманово, Добри Јовевски од Крива Паланка и педагогот Маринела Бошева од Скопје. Министерката за образование и наука Мила Царовска, честитајќи им на наставниците кои со својот труд, креативност, иновативност и посветеност кон децата вклучени во училишно и предучилишно образование оставиле посебен белег, им посака и понатаму да останат високо мотивирани за работа и креативни.

-Ви посакувам да бидете инспирација на уште многу генерации на млади и пример за колегите. Лично сум уверена дека имаме многу вакви наставници во државата. Со многу од нив и лично се сретнав и видов кај нив желба да придонесат кон градењето на квалитетен образовен систем и кон создавањето на генерации кои ќе гарантираат добра иднина за нашата држава, рече Царовска на денешното доделување на признанијата.

Посебно важно е во услови на пандемија просветните работници да не покажат слабост и немоќ, туку со сиот свој капацитет да се заложат воспитно-образовниот процес непречено да се одвива и во вонредни околности какви што сме немале никогаш досега.

Image may contain: 1 person, standing

-Затоа просветните работници се и најважната алка во образованието. Како министерка за образование и наука ќе продолжам да се борам за унапредување на дигнитетот на професијата наставник и секој што одбрал да биде учител на нашите деца да го добие местото кое и го заслужува, нагласи министерката Царовска.

Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници истакна дека оваа награда се доделува традиционално секоја година, а ја добиваат наставници и други просветни работници кои имаат значаен придонес во образованието и воспитувањето на децата.

-Изборот на добитниците го прави Сојузот. Всушност самите просветни работници одлучуваат кому ќе го доделат признанието, рече Николовска-Георгиевска.

На средбата беше истакнато дека секое решение во образованието се креира преку инлузивен пристап, со учество на сите засегнати страни, вклучително и наставниците. Министерството за образование и наука со поддршка на просветните работници ќе продолжи и во периодот пред нас, затоа што од личната мотивираност и желба за работа на секој наставник најмногу зависи какви генерации ќе создадеме. (Крај)

извор: МОН фото: МОН

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука