Охрид, 16. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – Делегација на Германското стопанство во земјава вчера во средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид го означи почетокот на новата учебна година на третата генерација ученици кои се школуваат според програмата за дуално стручно образование по германски модел.
-Денес беше промовирана третата генерација ученици во дуално образование од профилите Техничар за индустриска мехатроника и Техничар за производно машинство. Од страна на директорот на делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс, на учениците од новата генерација, им беа доделени школски ранци со училишен прибор. На свеченоста беа присутни и претставници од компаниите ЛТХ „Леарница“ и „Костал“, како и претставници од локалната самоуправа на општина Охрид. Во склоп на свеченоста од страна на директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и директорот на делегацијата на германското стопанство беше откриена табла на која е означено дека ова училиште е партнер во реализација на дуалното образование и беше потпишан меморандум за соработка од страна на директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс и директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Сашо Недески, информираат од училиштето.
Оваа програма се спроведува во седум градови во соработка со седум средни стручни училишта и 12 компании. Во Охрид се реализира во соработка со средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“ и компаниите ЛТХ „Леарница“, „Костал“ и ОДВ „Електрик“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: OЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ Охрид