Скопје, 19. октомври 2020 (ОХРИДПРЕС) – По сериозно високите бројки на новозаболени лица од викендов, се’ поизгледно е дека Комисијата за заразни болести е можно да предложи нови рестриктивни мерки, како што најави неодамна министерот за здравство Венко Филипче.
Меѓу другото, можно е да биде предложено „целосна забрана за сите настани“ и „крај на работното време на сите економски оператори во 23:00 часот“. Бројот на лица заразени со COVID-19 постојано се зголемува од почетокот на октомври, а деновиве беше забележан рекорден број од 594 потврдени случаи.
Филипче напомена дека Комисијата за заразни болести очекува парламентот да изгласа законски измени во следната недела и да овозможи воведување пакет мерки претходно предложени на Владата за задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22:00 часот во јавност и забрана за посети на домови.
Министерот Филипче рече дека има сериозен процент на новозаболени кои не знаат да кажат каде се заразени.
-Со овие мерки таргетираме места каде има групирање и влијаеме на повеќе места да се намали ризикот на трансмисија. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаи овој пакет на мерки заедно со претходниот сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот, вели Филипче.
Се очекува оваа недела пратениците да ги изгласаат потребните измени во Законот за заштита од заразни болести, и истите да се реализираат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива